Медиуми: Судбината на „Турски тек” сѐ понеизвесна

Во медиумите се појавија информации дека нова пречка за изградбата на „Турски тек“ е надворешнополитичката ситуација во Турција, како и напнатоста на границите на земјата каде фактички се одвиваат борбени дејствија.

Изградбата на „Турски тек“ требаше да започне во првата декада на јуни, но е одложена. Официјално беше соопштено дека во Турција не е формирана коалициска влада која според Уставот единствена има потполно овластување да застане зад ваквите документи, пишува порталот на радиото „Бизнис ФМ“ (Business FM). 

Москва најавува дека процесот се одложува до есен. Прашањето ќе се решава на средбата меѓу претседателите на двете земји. Притоа постои можност владата во Турција да не биде формирана поради политички противречности. Во тој случај земјата ја очекуваат нови парламентарни избори, што би можело уште повеќе да го забави процесот.

Постојат и други проблеми. Еден е дополнителниот договор за попуст на гас за Турција, кој ќе ѝ оозможи да заштеди до милијарда долари годишно. Прашањето е, наводно, решено, но не е официјално документирано.  

Вториот проблем е што Москва бараше четири краци на гасоводот, а Анкара засега дозволува само еден. Според проектната документација, еден од четирите краци е наменет за внатрешна употреба, додека Русија планираше голем проект за испорака на гас во Европа, за да може да се откаже од украинскиот гасовод.  

„Во Турција постои фактор на хаос. Во оваа ситуација е бесмислено да се разгледуваат какви било геополитички проекти, особено од типот на гасовод. Треба да се почека да се стабилизира ситуацијата. И не станува збор само за „Турски тек“, туку и за јужниот коридор што го планираше Азербејџан“, смета Станислав Тарасов, главен уредник на источната редакција на информативната агенција REGNUM. 

Турција сега спаѓа меѓу главните противници на Асад. Јасно е дека таквиот распоред на силите не им одговара на руските интереси. Претседателот Ердоган изјави дека е можно Русија да ја запре поддршката за Асад. Овие заклучоци тој ги направи по средбата со Путин во Баку. Ердоган исто така изјави дека не го признава Крим во составот на Русија.

„Турција имаше претензии спрема Крим и ѝ одговараше лабавата власт на Украина на полуостровот. Турција поддржуваше различни структури наводно во сферата на културата, религијата и сл., надевајќи се дека за 20-30 година Крим ќе биде во составот на Турција. Што се однесува до Крим, тие ќе заземат антируски став“, изјави Семјон Багдасаров, директор на центарот за проучување на земјите од Блискиот Исток и централна Азија.

По почетокот на борбените дејствија на турско-сириската граница и турско-ирачката граница очигледно е дека се смени политичкиот распоред на силите. Ставот на Ердоган веќе не е стабилен. Него го критикува опозицијата, од која во многу нешта зависи судбината на новата влада. А Русија изгледа сметаше токму на турскиот претседател, кому сега очигледно не му е до гасни проекти. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња