Исламското образование во Русија

Сергеj Узаков/ТАСС
Без оглед на тоа што во Русија живеат милиони муслимани, системот на исламското образование засега не е многу развиен, иако се гледа напредок во однос на советскиот период, кој беше обвиен со атеизам. Една од двете исламски високообразовни институции во Русија што имаат добиено официјална државна акредитација е Московскиот исламски институт. „Руска реч“ зборуваше со ректорот на овој институт, историчарот и етнолог Дамир Хајретдинов.

Како се основаше Московскиот исламски институт?

На територијата на Руската Федерација, во оној вид што го беше добила во 1991 година, во советско време не постоеше ниту една исламска образовна институција. Односно, доколку до револуцијата во Руската Империја постоеле и работеле и виши медреси и мектеби, кои биле познати во целиот свет, во советско време сите тие биле уништени. Единствена отстапка што тогаш била направена за муслиманите е тоа што по војната била отворена медреса во Узбекистан, во градот Бухара, а потоа почнал да работи и Ташкентскиот исламски институт. Сето тоа беше во Узбекистан и, соодветно, по 1991 година тие се најдоа надвор од Руската Федерација. Така, во деведесеттите години религиозната преродба беше проследена со основање исламски образовни центри. Тоа беа медреси при џамиите, неделни курсеви, а потоа врз нивна основа почнаа да се создаваат и исламски високообразовни институции. Во 1994 година беше основан Вишиот исламски духовен колеџ, додека, пак, во 1999 година на основата на овој колеџ се создаде Московскиот исламски универзитет, кој во 2004 година од Московската соборна џамија се пресели во одделна зграда. Во 2012 година јас станав нов ректор, па тогаш ја минавме државната акредитација со преименување во Московски исламски институт. Сега работиме во рамките на државниот стандард и издаваме дипломи според државен терк.

Како може некој да се запише во Исламскиот институт?

Ние работиме во согласност со државните стандарди. Затоа, за запишување во нашиот институт треба да се има положено Единствен државен испит – руски јазик, географија и историја – а, освен тоа, има и интервју на тема поврзана со исламот. Во нашата институција можат да се запишат државјани на Русија, а, исто така, и лица од земјите од ЗНД по усогласување со нашето муфтиство – Духовната управа на муслиманите на РФ.

Кои дисциплини се изучуваат во Институтот?

Околу 60% од нашите предмети се предмети од непосредното исламско богословие, а околу 40% се световни општообразовни предмети, како што се руски јазик, филозофија, историја на Русија, концепции на природни науки и така натаму. Специфичните предмети на исламското богословие се чисто шеријатските предмети. Продлабочено изучување на Куранот, на хадисите, на исламското право, на историјата на исламот и, секако, на арапскиот јазик: сè е изградено, имено, на арапскиот јазик. Во нашиот институт предаваат како духовни така и световни специјалисти.

Каде работат дипломираните студенти?

Многу студенти или веќе претставуваат некаква религиозна организација или, пак, имаат намера да работат во нив. Но, од друга страна, постојат и луѓе што не знаат каде ќе работат. Во тој однос голем плус е тоа што нашата високообразовна институција поседува државна акредитација и што издава дипломи по државен терк – во Русија постојат само две вакви институции: едната е во Казањ, а другата е нашата, во Москва. Се разбира дека специјалноста што е напишана во оваа диплома е мошне специфична – „исламска теологија“, но, од друга страна, таа е признаена од државата. Сега, пак, исламската тематика е во тренд, постојат определени државни барања за тоа религиските организации да бидат предводени од учени млади луѓе, кои го сфаќаат прашањето за меѓуверската соработка и за плурализмот, почитување на луѓето со поинакви погледи и така натаму. Нашите дипломци се потребни не само во религиските организации туку и во државната администрација, во образовните институции, во медиумите... Меѓу другото, сега почнува да се води дискусија за тоа дали треба да се привлекуваат исламските фондови во Русија. Но, со оглед на тоа дека е оваа тема мошне специфична, за неа, во секој случај, ќе биде потребно учество на специјалисти по ислам, а такви специјалисти кај нас има малку. Зошто нашите дипломци да не се обидат да поработат и на ова поле?

Соработува ли вашиот институт со други високообразовни институции во Русија и во странство?

Во 2007 година беше донесена Концепцијата за развој на исламското образование во Русија, која беше одобрена и поддржана од страна на претседателот. Во рамките на оваа програма исламските високообразовни институции во Русија се врзани, како помлади партнери, за една или за друга водечка високообразовна институција во Руската Федерација во која постои насока за изучување на исламот. Московскиот исламски институт поврзан е како партнер со две водечки државни високообразовни институции во Русија – Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“, преку Институтот за земјите од Азија и од Африка, и со Санктпетербуршкиот државен универзитет. По барање на овие институции ние спроведуваме курсеви за зголемување на квалификациите, како и други настани што се потребни за една државна високообразовна институција во рамите на развојот на нивото на подготовката на наставниците.

Кога станува збор за соработка со институти од странство, имаме соодветна декларација за намери, но, за жал, не ја реализиравме со конкретни дејствија, со исклучок на соработката со високообразовните институции од земјите на ЗНД. На пример, во Казахстан работи исламскиот универзитет „НурМубарак“, кој е основан со учество на казахстанската страна и на водечката исламска високообразовна институција во светот, египетскиот универзитет „Ал-Азахар“. Соработуваме со „НурМубарак“, разработуваме заеднички програми, постојано се посетуваме.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња