Русија стави вето за трибуналот

Ројтерс
Во Советот за безбедност на ОН се одржа гласање за нацрт-резолуцијата за основање на меѓународен трибунал во врска со падот на малезискиот Боинг. Резолуцијата не беше донесена: Русија го искористи своето право на вето. Според експертите ваквиот исход е очекуван, но резултатите од гласањето ќе удрат многу повеќе по институцијата ОН, одошто по Русија.

Русија во Советот за безбедност на ОН стави вето на нацрт-резолуцијата со која се предвидува создавање меѓународен трибунал во врска со уривањето на малезискиот Боинг 777 кај Донецк во јули 2014 година. 11 земји гласаа за, а три беа воздржани. Кина, Венецуела и Ангола се земјите кои беа воздржани. Претставникот на Франција го нарече блокирањето на трибуналот „сериозен пораз“ за Советот за безбедност на ОН, а некои земји што ја поддржуваа резолуцијата, го интерпретираа руското вето како навреда за семејствата на загинатите. Украина и Малезија велат дека ќе размислат и за други варијанти за ова злосторство, во крајна мера формирање суд надвор од ОН.

Нацрт-резолуцијата беше предложена до Советот за безбедност на ОН од страна на Малезија, а исто така беше потпишанa и од страна на Австралија, Белгија, Холандија и на Украина. Целта на трибуналот беше „да се казнат одговорните лица за злосторството поврзано со уништувањето на авионот на компанијата Малезија Ерлајнс, се вели во нацрт-резолуцијата“.

„Избрзан“ трибунал

Одлуката за блокирање на резолуцијата Русија, како и претходно (постојаниот претставник на РФ при ОН Виталиј Чуркин претходно во повеќе наврати предупреди дека Русија ќе каже „не“ за резолуцијата) е аргументирана со тоа што Советот за безбедност на ОН ги надминува своите овластувања, а идејата за трибунал е избрзана, лошо разработена и неодржлива.

„Во принцип, прашањето за организација на кривичен суд не е работа на Советот за безбедност“, изјави Чуркин за време на своето излагање. Тој потсети дека Советот за безбедност правел исклучоци и веќе има иницирано создавање трибунали за поранешна Југославија и за Руанда, но „ова искуство тешко дека може да се нарече успешно, имајќи ја предвид големината, политичкиот притисок, скапиот и мошне долг судски процес“. Притоа паѓањето на малезискиот Боинг во принцип не може да се квалификува како закана за меѓународниот мир и безбедност, подвлече Чуркин и не постои никакво уверување дека одлуката на трибуналот би била непристрасна. На крајот од своето излагање тој подвлече дека Русија како и претходно се залага за целосна, независна и објективна истрага. „Позицијата што сега ние ја имаме не е поврзана со поддршка за неказнување“, заврши тој. Да потсетиме дека на 20 јули Русија до Советот за безбедност предложи таканаречен „компромисна“ нацрт-резолуција за Боингот, но таа не беше поддржана.

Претставникот на КНР при ОН Лу Ѕеи својата одлука за воздржување од гласањето исто така ја објасни со „избрзаноста“ на трибуналот и со тоа дека може да доведе само до раскол помеѓу членовите на Советот за безбедност. „Тоа нема да им помогне на семејствата на жртвите, нема да помогне да се дојде до факти, нема да доведе до тоа виновниците да бидат изведени пред правдата“, изјави тој. „Не постојат причини за противење за трибуналот, доколку самиот не си го извршил злосторството“, рече од своја страна министерот за надворешни работи на Украина Павло Климкин.

Удар по ОН

Соговорниците на „Руска реч на македонски“ ги нарекоа резултатите од гласањето очекувани. Не требаше да се смета дека Русија ќе се воздржи – имено тоа од неа го очекуваше дел од западната заедница, сметаат експертите. Сосема предвидливо беше и однесувањето на Кина: „Таа никогаш не гласа против западната заедница, но секогаш смета на поддршка на Русија за нешто, - вели независниот политиколог, експерт по меѓународна политика Михаил Коростиков. – Тоа, соодветно, бара и обратна поддршка“. Кога станува збор за Венецуела и за Ангола, овие две земји се поврзани со Русија со проекти за нафта и гас, објаснува Коростиков: „Фактички, тоа е дипломатија на Игор Сечин (првиот човек на Роснефт)“. Трибуналите за Руанда и за поранешна Југославија не дадоа ниту брзина, ниту квалитет во истрагата, се согласува тој, но затоа овозможи да се добие „мошне голема медиумска покриеност имено од оние страни во процесот, кои им беа од полза на државите кои ги оформија овие трибунали, смета експертот. Русија се плаши дека поради трибуналот од бунтовниците „кои овој трибунал несомнено би ги обвинил“ нитката ќе се провлечеше до руските воени чиновници, објаснува тој.

Ставањето вето од страна на Русија ќе има свои последици, во најмала рака од медиумска гледна точка, смета генералниот директор на Рускиот совет за меѓународни работи Андреј Кортунов. Меѓу другото, овој факт може да се поврзе и со неопходноста од засилување на санкциите, или, „во крајна мера, на ваков фон ќе биде мошне тешко да се зборува за нивно симнување“, вели тој. Не е исклучено дека имено руското вето ќе ги засили позициите на оние што во Америка и во Европа се залагаат за испорака на борбено оружје за Украина, додава експертот. Така, на 30 јули на продолжувањето на санкциите на ЕУ против Крим и Севастопољ се приклучија уште седум земји – Црна Гора, Исланд, Албанија, Норвешка, Украина, Лихтенштајн и Грузија. Шест од нив (со исклучок на Грузија) исто така се приклучија на одлуката за продолжување на економските санкции на ЕУ против РФ.

Впрочем, најважна последица на гласањето ќе биде понатамошното намалување на авторитетот на ОН и поткопувањето на нејзината улога како основен институт на меѓународната безбедност, уверен е директорот на Центарот за комплексни европски и меѓународни истражувања при Вишата школа за економија Тимофеј Бордачев. „Со тоа што нашите западни партнери работата ја доведоа до вето, тие нанесоа уште еден удар врз ООН. Традиционално ваквите ситуации се обидуваа да ги избегнат“, смета експертот. И навистина, во однос на цела низа горливи прашања во последно време Советот за безбедност се покажа како парализиран, се согласува со него Кортунов. Не успеаја да се договорат за војната во Сирија, а улогата на Советот за безбедност во украинската криза, за жал, воопшто не се ни гледа, констатира тој. Секако, освен ОН не постои ниту една друга институција која во дадениов случај е легитимна, констатира Бордачев: Русија едноставно не ја признава нивната јуриздикција, „затоа сега ако сакаат нека создаваат и 10 трибунали“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња