ФИБА донесе одлука за дисквалификација на Руската кошаркарска федерација

Дисквалификацијата не се однесува за националните селекции и судиите кои во моментов учествуваат во натпреварувањата на ФИБА, како и за оние кои ќе учествуваат на Европското првенство за девојки под 18 години.

Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) донесе одлука да ја дисквалификува Руската кошаркарска федерација (РФБ). Исфрлањето не се однесува на репрезентациите на Русија кои во моментов учествуваат во натпреварувањата на ФИБА, се вели во соопштението на официјалниот сајт на РФБ.

РФБ, на чие чело во 2014 година дојде Јулија Аникеева, во февруару поднесе жалба на одлуката на судот во Москва за одржување конференција за избор на нов претседател на организацијата и извршен комитет. Судот ја отфрли жалбата. На 18 јуни стана јасно дека судот ја обврзал РФБ во рок од 60 дена да одржи конференција во претходниот состав – од 20 февруари 2010 година, во чиј дневен ред ќе бидат вклучени изборите за претседател и извршен комитет. Извршниот комитет на РФБ од 2010 година го одреди одржувањето на конференцијата за 25 август.

„Извршниот комитет на ФИБА донесе одлука да се дисквалифицира Руската кошаркарска федерација. Одлуката стапува на сила веднаш. Што се однесува до календарот на натпреварувања, исфрлањето не се однесува на статусот на националните тимови и судиите кои во дадениов момент учествуваат во натпреварувањата на ФИБА,  како и на оние кои ќе учествуваат на Европското првенство за девојки под 18 години, а кое започнува за неколку недели“, се  вели во писмото на ФИБА до РФБ.

„Очигледно е дека ситуацијата уште повеќе е затегната и сега дојде до неприфатлива точка кога стариот менаџмент (без оглед на уверувањата на адреса на ФИБА) се меша во работата на РФБ и, згора на тоа, го става под сомнение авторитетот на РФБ дури и во случај на исполнување на правилата кои ги регулираат натпреварувањата во РБ“, се истакнува во писмото, потпишано од претседателот на ФИБА Хорасио Мураторе.  

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња