Низата уривања на згради започна од уралскиот град Перм, каде на 11 јули наутро се урна агол на станбена зграда, која е изградена во педесеттите години од минатиот век. Под урнатините загинаа двајца станари, а еден беше хоспитализиран. Според истрагата, причина на уривањето е ослабувањето на носечките конструкции на зградата, за што можат да биде виновна компанијата што управувала со зградата. Сличен инцидент се случи на 13 јули во Јарослављ во европскиот дел на Русија, каде се урна фасадата на една станбена зграда, при што при паѓањето беше оштетена цевката за гас, но, за среќа, немаше жртви.
Несреќата во касарната
Најголем и најтрагичен од трите случаи беше уривањето на зградата што се случи во сибирскиот град Омск: вечерта на 12 јули се ура еден од депандансите на касарната на тренинг-центарот на Воздушно-десантната војска. Настанот се случи додека војниците се наоѓаа во просторите на касарната – како резултат на тоа 42 лица беа затрупани под урнатините на зградата. 23 од нив загинаа, а останатите беа извадени од под урнатините за време на спасувачката операција. Дел од настраданите војници беа пренесени во Москва за медицинска помош.
Претседателот на Русија Владимир Путин им изрази сочувство на семејствата на загинатите војници во Омск и вети дека „сè ќе држи под контрола“. Одговорноста за немилиот настан беше пренесена на министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Како што известуваат од Истражниот комитет на Русија, причина за уривањето можеле да бидат нарушувања што се дозволени при генералното реновирање на зградата во 2013-2014 година (зградата е изградена во 1975 година). Реновирањето на зградата го извршувала компанијата „РемЕксСтрој“, која претходно била казнувана за нарушување на градежните закони. Во минатото оваа компанија постојано добиваше задачи за реновирање и за реконструкција на касарни од воениот ресор.
Причини за настаните
Претседателот на групацијата „Градски центар за експертиза“ Александар Москаленко претпоставува дека основната причина за уривањето на зградите е грешка при планирањето и произволниот однос на сопствениците и на лицата за реновирање со внатрешната конструкција. Москаленко за „Руска реч на македонски“ ја објасни причината за несреќата во Перм. „Зградата е изградена во педесеттите години од минатиот век, стоела цврсто, сè дури на приземјето не почнале да доградуваат комерцијални простории – канцеларии и продавници. При изведувањето на ваквите доградби често се преправаат прозорците во врати, се зголемува обемот, а во Перм овој надворешен ѕид беше носечки. Најверојатно тоа е и причината поради која се урнала фасадата на зградата“.
Кога станува збор за трагедијата во Омск, Москаленко ја поддржува верзијата на Истражниот комитет: „Пред неколку години во касарната се спровело генерално реновирање. Веројатно, за време на ремонтот биле направени нарушувања во внатрешната структура на преградите, што било и причина за несреќата“.
Заслужниот архитект на Русија Алексеј Шчеглов претпоставува дека зградите не се одржуваат како што треба. „На многу стари згради им е потребно генерално реновирање, а нивните сопственици и државата „се извлекуваат“ со козметичко. Притоа работата не е само во староста на зградата, туку и во квалитетот на нејзиното проектирање за време на изградбата“, вели Шчеглов за „Руска реч на македонски“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче