Замина една од најголемите пријателки на Македонија

Артјон Житенев / РИА Новости
Познатиот филолог, познавач на англиската литература, културен деец, експерт на УНЕСКО и голем пријател на Македонија Екатерина Гениева, која 43 години работеше во една од најголемите библиотеки во Русија, почина во Израел.

По долго боледување во седумдесеттата година од животот почина Екатерина Гениева, која беше водечки преведувач и филолог „неуморен покровител на литературата“ и „добар и достапен човек“, како што ја карактеризира писателот Александар Кабаков. Пријателот на Гениева, авторот на романот „Животот и необичните авантури на војникот Иван Чонкин“ кој е преведен на многу јазици, Владимир Војнович за „Руска реч на македонски вели“:  „Таа беше необично образован, надарен човек. Нејзината дејност никогаш не се ограничуваше на рамките на работата во библиотекарскиот систем. Што не правеше таа: преведуваше и издаваше книги од англиски автори, бесконечно организираше литературни настани“.

Нејзината неверојатна енергија и харизма беше доволна за сѐ: од управување со библиотеката, издавачка дејност и раководство со фондацијата „Сорос“ во Русија до поставување споменици, заседанија во комисијата на Русија за УНЕСКО и во Меѓународната федерација на библиотеката.

Екатерина Гениева беше и голем пријател на Македонија. На 8 септември 2004 година во Библиотеката за странска литература „М.И. Рудомино“ беше поставена биста на Марко Цепенков, која ја донираа А1 Телевизија и дневниот весник „Време“. На нејзино барање во библиотеката се појавија и голем број книги на македонски автори.

 

Од Перестројката до нашите дни

Кон средината на осумдесеттите години од минатиот век Гениева беше една од оние што ја поддржуваа перестројката и реформите на Горбачов. Таа се дружеше со активните политички и општествени дејци во времето на првиот претседател на Русија Борис Елцин, министерот за финансии и вицепремиер Егор Гајдар. Таа беше до него кога тој беше сериозно болен, а по неговата смрт се занимаваше со сеќавањата за него; беше еден од иницијаторите на поставувањето на неговиот споменик.

Во тие времиња таа задлабочено се занимаваше со англиската литература: пишуваше статии, иницираше преводи и изданија. Неа ја нарекуваат „ненадминат познавач на Џојс“. Во тоа време и започна активната фаза на библиотечната дејност.

Писателот и главен уредник на „Знамја“, еден од најстарите и најавторитетни литературни списанија во Русија, Сергеј Чупуринин за „Руска реч на македонски“ вели: „Кон средината на деведесеттите години од минатиот век отидов кај Катја со проект, кој се чинеше сосема безумен – енциклопедиски речник на современата руска литература. Тоа немаше никаква врска ниту со „Знамја“, ниту со нејзината дејност во библиотеката. Но, таа ме ислуша и ми рече: Како нема врска? Ако не јас, тогаш кој? Оваа фраза стана карактерен императив на нејзината дејност за целиот живот.

Кон средината на осумдесеттите години од минатиот век, кога бевме сведоци на сложено време – време на глобални промени за паметење. Тогаш таа во библиотеката стана претседател на советот на трудовиот колектив, која на други места е бесполезна функција. Но, во случајот со Гениева не беше така. Набргу овој совет почна да носи мошне важни одлуки. И кога како директор беше поставен светски познатиот филолог Вјачеслав Иваив, тогаш тој веднаш ја повика Катја да му биде заменик. А, кога во Русија се појави фондацијата „Сорос“, кому можеа да се обратат ако не на Катја? Откако таа стана директор на фондацијата, благодарение исклучиво на нејзината богата дејност во Русија беа сочувани многу споменици на историјата, на културата и на литературата. Таа се нафаќаше на сѐ и сѐ правеше со кристална чистота и самопрегор. И сѐ правеше до крај. Како оној речник што ние сепак го издадовме заедно“.

Библиотека за странска литература

Тешко е да се набројат сите заслуги на Екатерина Гениева, но очигледно и познато дека нејзино „дете“ и нејзина гордост беше Библиотеката за странска литература „М.И. Рудомино“. На оваа библиотека таа ѝ посвети 42 години од својот живот, од кои 22 беше на челото. Таа беше иницијатор на многу преводи на странски автори на руски јазик, внимателно го чуваше и го зголемуваше фондот на библиотеката.

Како предан слуга на Библиотеката за странска литература, Гениева, дури и во најтешките времиња ја бранеше позицијата на „својата“ библиотека. И со тоа може да се смета дека таа е наследничка на нејзиниот основач Маргарита Рудомино, која ја беше открила оваа библиотека во 1922 година и која успеала да сочува голем дел од фондот на библиотеката, како и книги кои беа забранети во времето на советската власт.

Денес во неа се чуваат повеќе од 5 милиони примероци на 144 јазици. Во прекрасниот двор на библиотеката посетителите ги среќаваат бисти на многу славни дејци, како што се Абрахам Линколн, Јован Павле Втори, Чарлс Дикенс, Џејмс Џојс, но и на Марко Цепенков.

Гениева беше иницијатор и коорганизатор на изложбата на репродукции на Казимир Малевич во Скопје во 2004 година. Оваа изложба предизвика огромен интерес кај македонската публика, која за првпат имаше можност да види дела во природна големина од овој руски уметник.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња