Зошто Гаспром е попопустлив?

Станислав Красиљников / ТАСС
Рускиот монопол Гаспром има намера да им продаде на европските потрошувачи 3 милијарди кубни метри гас. Исто така компанијата неочекувано изјави дека постои можност за продолжување на транзитот на гас преку Украина. Според руските експерти, со ова Гаспром ги намалува можните ризици од одолговлекување на изградбата на Турски тек и се повлекува под притисокот на европските потрошувачи.

Во септември 2015 година рускиот гасен монопол Гаспром ќе спроведе аукција за испорака на 3 милијарди кубни метри гас на европскиот пазар. Ова го пишува рускиот бизнис-весник Комерсант, повикувајќи се на првиот човек на компанијата Алексеј Милер. Според него, тргувањето ќе се одвива по шема на големо, која претпоставува испорака на гас „тука и сега“, за разлика од традиционалната take-or-pay шема на руските компании, според која купувачот се обврзува да откупи определен обем гас на долгорочна основа, а доколку не го откупи во целост истиот плаќа пенали на продавачот.

Во ваква ситуација руската компанија неочекувано изјави дека е можно продолжување на транзитот преку Украина. Претходно, со цел да се откаже од оваа маршрута, Гаспром го најави Турски тек – проект на гасовод по дното на Црно море од Русија во Турција и понатаму во земјите од Јужна Европа.

Нова шема

„Продажбата на 3 милијарди кубни метри гас од страна на Гаспром може да се оцени како пробно фрлање“, вели доцентот на катедрата за државно регулирање на економијата при Руската академија за народно стопанство и јавна администрација Иван Капитонов. Сепак, според него, ваквата шема, доколку истата успее, ќе овозможи не само да се продаваат дополнителни количества, туку и да се има посилна преговарачка позиција за Турски тек; проектот сè уште се наоѓа во стадиум на усогласување. Со тоа Гаспром напомнува дека разгледува алтернативни можности за зголемување на испораките во Европа, смета Капитонов.

Според главниот аналитичар на UFS IC Иљја Балакирев, Гаспром периодично продава помали количества гас на лице место, но рускиот монопол тешко дека ќе се откаже од шемата take-or-pay. „Овој услов произлегува од тоа што испораката на гас преку цевките има фактички фиксни транспортни трошоци, па доколку реалните количества испораки бидат значително помали, компанијата ќе има загуби“, вели Балакирев. Според него, Гаспром може да се откаже од шемата take-or-pay само доколку се смени технологијата на транспорт на гас. Всушност, ваквата шема не се користи при танкерски испораки на компресиран природен гас.

Транзит преку Украина

Претходно рускиот претседател Владимир Путин исто така даде задача да се направат преговори за продолжување на транзитот на гас преку Украина по 2019 година, изјави првиот човек на Гаспром Алексеј Милер. Претходно Гаспром најави дека ќе ја прекине испораката на гас преку територијата на Украина во 2019 година кога истекува актуелниот транзитен договор. Згора на тоа, во април 2014 година Алексеј Милер изјави дека за сметка на изградбата на гасоводот Турски тек во 2019 година концернот има намера целосно да го прекине транзитот на гас преку територијата на Украина.

Според Иван Капитинов, задачата за одржување преговори за продолжување на транзитот преку Украина по 2019 година може да има неколку цели. Како прво, засилување на притисокот врз изведувачите на Турски тек, како второ приближување на позициите со украинската страна. „Позицијата на конечно откажување од украинскиот транзит би била неконструктивна“, смета генералниот директот на East European Gas Analysis Михаил Корчемкин. Според Иљја Балакирев „можно е потенцијалните партнери во Турски тек да станале премногу непослушни, а тоа веќе дава некаков сигнал“. Сепак, според него, првиот дел од Турски тек со кој треба да се снабди со гас Турција, Гаспром во секој случај ќе го заврши.

Освен тоа, во јуни 2015 година во рамките на Санктпетербуршкиот меѓународен економски форум Гаспром одлучи да ја зголеми за двапати моќноста на гасоводот Северен тек. За ова компанијата потпиша меморандум за изградба на уште две линии од Русија до Германија по дното на Балтичкото море со англо-холландската Shell, германската E.On и австриската OMV со моќност од 55 милијарди кубни метри.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња