Како дефолтот на Грција ќе влијае врз Русија?

EPA
Грчките власти се откажаа од плаќањето на транша за кредитот од ММФ - ова значи дека по референдумот што ќе се одржи на 5 јули технички може да биде објавен дефолт. Руската економија е заштитена од потреси во случај на дефолт на Грција. Згора на тоа излезот на земјата од Еврозоната ќе отвори нови можности за развој на трговско-економските односи со Атина, сметаат аналитичарите.

Грчките власти на 30 јуни се откажаа да исплатат нова транша за кредитот од ММФ во износ од 1.6 милијарди евра. Оваа изјава ја даде министерот за финансии на Грција Јанис Варуфакис, соопштува агенцијата Франс-Прес. Ова фактички значи дека во Грција веќе постои дефолт. Руските берзи не реагираа на оваа вест.

„Дефолтот на Грција е очекуван настан па затоа реакцијата на инвеститорите ќе биде воздржана, но негативна, - вели аналитичарот Ана Кокорева од Алпари. – Не очекуваме нагло паѓање на еврото и на берзата, но неизбежно е некакво намалување. Берзанските индекси можат да се поместат за 2 до 3%“, појаснува експертот.

Исто така се очекува зајакнување на американскиот долар. „Ќе се зајакне вкупната волатилност на руската валута и на хартиите од вредност, иако треба да се има предвид дека ослабувањето на рубљата позитивно влијае на руската економија, така што сериозни негативни последици од грчкиот дефолт не треба да има“, се согласува Елизавета Белугина од брокерската компанија FBS.

Во извесен временски период грчкиот дефолт може да предизвика одлив на капитал од Русија, сметаат експертите со кои разговараше „Руска реч на македонски“. „Инвеститорите помалку ќе ризикуваат, а како последица на тоа ќе порасне побарувачката за посигурни, но помалку приходни активи“, појаснува Ана Кокорева.

„Нашата економија сега не се карактеризира со голема зависност од притокот на капитал со оглед на тоа што поради санкциите наште пазари се затворени веќе цела година. Затоа не треба да се очекува на голем притисок и на активно повлекување на капиталот“, појаснува Егор Сусин, главен експерт на Гаспромбанк.

Нови импулси за развој на економските односи

Аналитичарите забележуваат дека процесот на дефолт ќе биде долг. На 5 јули во Грција треба да се одржи референдум во врска со барањата на кредиторите. И доколку реформите бидат поддржани со мнозинство гласови, тоа за извесен период ќе го симне од дневен ред прашањето за објавување дефолт. Многу поважно е дали Грција ќе излезе од Еврозоната. Аналитичарите на S&P ја оценуваат веројатноста на 50%.

„Излезот на земјата од Еврозоната ќе го олесни трговските односи помеѓу двете земји. Новата валута на Грција ќе биде слаба, а производите во земјата ќе бидат евтини. Намалувањето на зависноста на земјата од надворешните кредитори може позитивно да влијае на надворешната политика на Грција во однос на Русија“, смета аналитичарот на Алпари.

„Ваквата ситуација дури може и да го забрза проектот Турски тек, со оглед на тоа дека по излегувањето од Еврозоната Грција ќе биде повеќе заинтересирана за соработка со другите земји. Сепак, не може да се каже дека Грција е осудена на излез од Еврозоната“, укажува Егор Сусин.

Експертот забележува дека ЕУ тешко ќе дозволи излез на Грција од Еврозоната, со оглед на тоа дека ваквата постапка може да предизвика непредвидливи последици. Обемот на финансискиот систем на Грција изнесува повеќе од 1 билион евра.

Меѓу другото, дефолтот може да ја врати економијата на Европа во состојба на рецесија, а тоа непосредно ќе се одрази на трговско-економските односи со Русија, една од основните извозници и увозници на ЕУ.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња