Русија ги намалува трошоците за Мундијалот

Изградба на стадионот „Зенит-Арена“

Изградба на стадионот „Зенит-Арена“

Игор Русак / РИА Новосту
Три години пред почетокот на Светското првенство во фудбал во Русија само еден од предвидените 11 стадиони уште сега може да организира натпревари за Мундијалот. Во услови на криза владата ги намалува расходите за хотели.

Корупцискиот скандал во ФИФА предизвика нови гласови за иднината на следниот светски шампионат во фудбал кој треба да се одржи во јуни и во јули 2018 година во Русија. Сепак, без оглед на настаните на политичко ниво и економската криза, Русија продолжува со подготовките за Мундијалот, а до неговиот почеток остануваат помалку од три години.

Стадиони: да се успее до мај 2017

Традиционално, најголемиот број прашања, особено доколку се земе предвид не многу позитивното искуство на ЈАР и на Бразил, за следните домаќини на светското првенство е темпото на изградба на стадиони.

Во Русија, според планот, натпреварите треба да се играат на 12 стадиони во 11 града. Од нив три се веќе изградени, иако, само еден од нив во моментов може да организира натпревари, а тоа е „Откритие Арена“ во Москва на фудбалскиот клуб Спартак, кој може да прими 45.000 гледачи. Исто толкав број може да прими „Казањ Арена“ на кој во 2014 година веќе се одиграа неколку меча, но потоа беше затворен со цел да се подготви за светскиот шампионат во водни спортови, кој ќе се одржи ова лето. На местото на фудбалскиот терен ќе бидат поставени два базена за пливање. Не е подготвен за големиот фудбал ниту стадионот „Фишт“ во Сочи кој собира 40.000 гледачи, а кој беше главна арена на Олимпијадата во 2014 година. Тука треба да се демонтира конструкцијата што се користеше за време на Олимписките игри и да се опреми теренот, а работата треба да се заврши до 2016 година.

Се реконструираат уште два стадиона. Главната арена на Русија „Лужники“ во Москва, каде ќе се одржи финалето на светскиот шампионат во 2018 година. Таа беше затворена есента 2013, а ветено беше дека ќе се отвори во 2016. Бројот на гледачите ќе се зголеми на 81.000, ќе се измени аголот на наклонот на трибините, кои ќе бидат приближени до полето. Стадионот „Центраљни“ во Екатеринбург ќе се рашири до 35 илјади места. Во двата случаја при реконструкцијата ќе биде задржан историскиот облик на зданијата кои беа изградени во педесеттите години од минатиот век.

Арени, на кои ќе можат да присуствуваат 45.000 гледачи, веќе започнаа да се градат во пет града – Нижни Новогород, Самара, Волгоград, Ростов на Дон и во Саранск, но засега не се помрднати од земните и од бетонските работи. Најмногу проблеми има во Калининград, каде сè уште не е утврден проектот за стадионот. Рокот за предавање на стадионите е мај 2017 година.

Одолговлекување во Санкт Петербург

Во Русија најмногу врева се крева околу стадионот во Санкт Петербург кој се гради веќе речиси 10 години. Неговата изградба започна во 2006 година на местото на историскиот стадион „Киров“ на Крестовскиот остров. Арената за клубот Зенит предвидува технички сложени новини како што е подвижен терен со тежина од 7.800 тони и подвижен покрив со површина од 71.000 квадратни метри и тежина од 22.000 тони.

Проектот на јапонскиот архитект Кисо Курокава во текот на овие години беше во голема мера коригиран, роковите неколку пати се поместуваа, а буџетот во повеќе наврати беше зголемуван. На крајот тој достигна астрономска сума од 34 милијарди рубли (околу 613.5 милиони американски долари). Според мислењето на главниот архитект на стадионот Дмитриј Буш, цената на градбата е оправдана. „Да се спореди Зенит-Арената со европските фудбалски стадиони не е сосема коректно. Ова е сосема поинаков вид градба: огромна покриена сала со подвижен покрив. Во нашата земја не постои нешто слично според сложеноста. Кога покривот е затворен потребно е да се создаде вештачка клима, така што треба да ја загреваме и да ја вентилираме оваа сала со огромна кубикажа. Ова, секако, е мошне скапо. Треба да се спореди со најголемите канадски и американски арени со 50-60 илјади гледачи. Коректен аналог би била салата на Далас Каубојс. Вакви објекти дури и во Северна Америка нема многу, а нивната цена се движи околу милијарда американски долари“.

Намалување на финансирањето

Меѓу другото, руските власти во услови на економска криза се принудени да ги намалуваат расходите за спроведувањето на турнирот. Во јуни владата на РФ донесе одлука за намалување на расходите за светскиот шампионат за 29 милијарди рубли. Според министерот за спорт на Русија Виталиј Мутко, било решено да се заштеди на фондот наменет за хотели. „Се откажавме од изградба на хотели во регионите, кои потоа нема да бидат потребни“, го цитира министерот изданието РБК.

Официјална информација за точното намалување на расходите за шампионатот нема. Во 2013 година вицепремиерот Игор Шувалов оцени дека минималната сума на расходите ќе изнесува 250 милијарди рубли. Во јануари 2015 година беше најавено намалување на вкупните расходи за 10%.

Олимпијадата во Сочи според официјалните податоци ја чинеле Русија 214 милијарди рубли. Алтернативните анализи, меѓу кои и оние на Алексеј Наваљни и на Борис Немцов, велат дека расходите достигнале 1.3 билиони рубли.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња