Заврши Московскиот меѓународен филмски фестивал

Press Photo
Московскиот меѓународен филмски фестивал, кој минатата недела беше отворен, финишираше со победа на филмот „Лузери“ на бугарскиот режисер Ивајло Христов.

37 Московски меѓународен филмски фестивал заврши со свечена церемонија на наградување на победниците на 26 јуни во киното „Росија“.

Вечерта беше триумфална за филмот „Лузери“ на бугарскиот режисер Ивајло Христов во кој се следи приказната за животот на тинејџери од еден провинциски град. Овој филм дента ја доби наградата на филмските критичари и на Федерацијата на филмски клубови на Русија, а вечерта го доби гран-прито на Московскиот меѓународен филмски фестивал – статуетката златниот „Свети Георги“.

Наградата на победникот му ја врачи претседателот на годинашново издание на фестивалот, францускиот режисер Жан-Жак Ано, кој подвлече дека жирито лесно и со разбирање си ја завршило работата: „Брзо се договоривме“.

Впрочем, очигледно беше дека не постои единственост кај жирито. Така, филмот на Александар Миндаѕе, кој беше награден на фестивалите во Берлин и во Венеција, „Мил Ханс, драг Пјотр“, Снимен во копродукција со Германија и со Велика Британија, не доби ниту една награда. Во дискусија на социјалната мрежа Фејсбук по церемонијата на наградувањето, членот на жирито на Московскиот меѓународен филмски фестивал, рускиот режисер Алексеј Федорченко изјави дека го предлагал „филмот на Миндаѕе за гран-при, но останал сам. Странските членови на жирито не го сфатија и не го прифатија филмот. Многу ми е жал“.

Наградата за најдобра женска улога ја однесе Елена Љадова ѕвездата филмот „Левифан“ на Андреј Звјагинцев, чиј филм ја освои публиката ширум светот. Таа ја доби наградата за филмот на Андреј Порошкин „Орлеан“, на кој продуцентите му предвидуваат големи успеси на други фестивали. За најдобар актер, пак, беше прогласен Еркербулан Дајиров за улогата во казахстанскиот филм „Рампа“.

Сребрениот „Свети Георги“ за режија отиде во рацете на Холанѓанецот Фредерике Аспек за филмот „Росита“. Сребрени статуетки добија и Метју Хејнман за филмот „Земја на картелите“ (Мексико, САД) за најдобар документарен филм и Ким Јунха од Јужна Кореја за најдобар краткометражен филм за остварувањето „Метод на набљудување со снајпер“.

На претседателот на жирито Жан-Жак Ано му беше доделена почесната награда за придонес во светската кинематографија.

Годинава во официјалната конкуренција на Московскиот меѓународен филмски фестивал учество зедоа 12 филма од Русија, Јапонија, Франција, Србија, Шпанија, Бугарија и од други земји. Освен Ано и Федорченко, во жирито на фестивалот беа и британската актерка Жаклин Бизе, Германецот Фред Брајнердорфер, продуцентот Фернандо Соколович од Аргентина и Ендрју Вајна од Унгарија.

Како што изјави претседателот на Московскиот меѓународен филмски фестивал Никита Михалков, бројот на посетители пораснал за 10%. „Беа акредитирани повеќе од 6 илјади гости и новинари, допатуваа 300 странски гости, а прикажани беа 307 филма за 55.167 гледачи“, забележа тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња