Сноуден со нови откритија

Ројтерс
Специјалните служби на САД и на Велика Британија се обиделе да влезат во софтверот на руската компанија за антивируси „Лабораторијата на Касперски“ и на уште повеќе од 20 програмери на антивирусни програми. За ова сведочат документите што ги обелодени Едвард Сноуден. Првиот човек на компанијата Евгениј Касперски и го спореди со „добра ревизија“.

На 23 јуни, американскиот сајт The Intercept, повикувајќи се на документи од поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден, соопшти дека Агенцијата за национална безбедност заедно со Британската владина агенција за надзор ги проучувале слабите места и, всушност, се обиделе да влезат во софтверот на „Лабораторијата на Касперски“.

„Разузнавачките агенции имаат повратен инженерски софтвер, кој понекогаш е со сомнителни права,  со кој го следат веб и и-мејл сообраќајот со цел дискретно да го попречат антивирусот и да добијат информации од компаниите за безбедносниот софтвер и за неговите корисници“, се вели во статијата. Исто така, според авторите на текстот, биле следени и француската fsb-antivirus, италијанската NoVirusThanks, кинеската Antiy, корејската Ahnlab и многу други.

Што вели Касперски?

Веднаш по објавувањето на веста во The Intercept, „Лабораторијата на Касперски“ излезе со официјална изјава за тоа дека е загрижена од фактот што „специјалните служби се насочени кон решенијата во сферата на информациската безбедност, а кои се наменети за сите корисници на Интернетот, наместо да ги насочи своите разработки против вистинските сајбер-злосторници“.

Основачот на фирмата, Евгениј Касперски, кој во повеќе наврати го нарекуваше Сноуден „гад“ и „предавник“ чие место е во деветтиот круг на пеколот, а обелоденувањето на податоците од негова страна го нарече „дреболија“ (со оглед на тоа демек одамна се знаело дека специјалните служби го надгледуваат Интернетот) на 24 јуни за медиумите соопшти, дека тој бил предупреден за обелоденувањето на податоци добиени од Сноуден, а исто така и за нивниот извор. Касперски овој настан го спореди со „добра ревизија“, која е од корист за компанијата.

„Во нашиот систем намерно се бараа 'дупки', но не беа најдени, така што тоа не предизвика никаква штета“, забележа Касперски. Според него, специјалните служби нашле „стандарден ден нешифриран сообраќај“, но тоа не е проблем. „Следниот пат добро ќе го шифрираме“, вети тој. Неодамна компанијата обелодени детали од истрагата на таргетиран напад врз „Лабораторијата на Касперски“ со помош на програмата Duqu 2.0, која, според некои признаци, е спонзорирана од државните структури на некоја непозната држава.

Проверка, напад или подготвителна етапа?

Некои руски експерти статијата ја сметаат за „некомпетентна новинарска работа“. Така, заменикот на техничкиот директор на Positive Technologies Дмитриј Митченков, претпоставува дека „се работи за стандардна проверка која се спроведува не само за антивирусните средства, туку и општо за средствата за заштита, кога се планира тие да бидат применувани во некој државен орган“. Ова Митченков го изјави во интервју за Комерсант ФМ.

Претставниците на „Доктор Веб“, уште една руска компанија од новиот „список на Сноуден“, исто така не се зачудени. „Сајберслужбите во голем број земји бараат погодни моменти кога тие би можеле да дојдат до информации што ги интересираат“, изјави раководителот на одделот за разработка и истражување на „Доктор Веб“ Сергеј Комаров во интервју за НСН.

Сепак, Алексеј Лукацки, бизнис-консултант на Cisco System и еден од водечките руски експерти од областа на сајбербезбедноста, смета дека ваквите „проверки на специјалните служби“ подразбираат нешто повеќе. „Во случајов нападот и проверката не се разликуваат многу едно од друго, вели тој за 'Руска реч на македонски'. – Најверојатно станува збор за подготвителна етапа. За да се спроведуваат специјални операции во сајберпространството треба да се знае како функционираат средствата за заштита. Затоа специјалните служби ќе користат различни механизми со цел да се добие неопходната информација“. Според Лукацки, ваквите „проверки“ можат исто така да бидат насочени кон руските објекти од стратешко значење, каде се применуваат производите на „Касперски“.

Според експертот, производителите на антивируси тешко дека ќе можат да се обединат за да им се спротивстават на специјалните служби, со оглед на тоа дека се раководат, пред сè од сопствените бизнис-интереси. „Прашањето е како ќе реагираат програмерите. Мислам дека тие ќе работат оперативно“, смета Лукацки.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња