Зошто „Газпром“ го губи европскиот пазар?

Ројтерс
Според резултатите од првиот квартал од 2015 година, рускиот гасен монопол „Газпром“ заостана зад норвешкиот оператор „Гаско“ според испораките на гас во Западна Европа. Според експертите, со ова европските потрошувачи се обидуваат да ја намалат својата зависност од рускиот гас, иако во долгорочна перспектива ќе мораат да се договорат со „Газпром“, со оглед на тоа дека резервите на гас на Норвешка ќе се потрошат до 2030 година.

Според резултатите од првиот квартал од 2015 година, рускиот гасен монопол „Газпром“ заостана зад норвешкиот оператор „Гаско“ според испораките на гас во Западна Европа. За ова сведочат податоците на двата оператора, соопштува рускиот бизнис-весник „РБК-Daily“. Така, норвешката компанија во западноевропските земји има испорачано 29,2 милијарди кубни метри гас, додека „Газпром“ има доставено 20,29 милијарди кубни метри. Како што објаснуваат во норвешката компанија, европските купувачи се стремат да ги диверзификуваат испораките на гас на фонот на украинската криза. Освен тоа, дел од европските клиенти на „Газпром“ ги одложија купувањата во очекување на намалување на цената на енергенсите. Договорната цена за рускиот гас е поврзана со цената на нафтата со задршка од 6 до 9 месеци, па затоа паѓањето на цените на нафтата од крајот на 2014 година треба да има влијание на договорите за гас само во вториот квартал од 2015 година.

Основни причини

„Намалувањето на испораките на рускиот гас на европскиот пазар се објаснува со двостраните тенденции за ограничување на испораките од страна на самиот ‘Газпром’ и желбата на европските партнери за диверзификација на испораките“, вели доцентот на Институтот за државна служба и управување при Руската академија за народно стопанство и јавна администрација Иван Капитонов. Сепак, според него ваквата диверзификација не може сериозно да влијае врз „Газпром“, со оглед на тоа дека ниту испораките од Норвешка ниту од други земји не се доволни за да ја покријат побарувачката на Европската Унија. Така, во 2014 година „Газпром“ ги намали испораките во земјите на ЕУ со цел да ги блокира реверсните испораки на рускиот гас од Европа во Украина: според „Газпром“ ваквите испораки противречат на условите од договорот.

Како резултат на тоа, податоците покажуваат дека во 2014 година Русија останала најголем доставувач на гас во Европа, при што „Газпром“ има испорачано во земјите од Западна Европа 117,92 милијарди кубни метри гас. Според оцената на Европската комисија, на рускиот гас отпаѓа 42% од увозот на гас во ЕУ. Сепак, на овој фон уделот на Норвешка во 2014 година пораснал од 34 на 38%. „Тешко дека ова може да се смета за преориентација, Европа не се откажува од услугите на ‘Газпром’, а компанијата од своја страна во повеќе наврати изјави дека европскиот пазар за неа останува приоритетен, така што тој ќе ја продолжи работата на Стариот континент“, вели Дмитриј Баранов, водечки експерт на управувачката компанија „Финам Менаџмент“. Според него, договорите на „Газпром“ се долгорочни, така што никој од клиентите на руската компанија нема изјавено дека престанува со купување руски гас.

Далечна перспектива

Според Иван Капитонов, не може да се нарече приоритетен пазарот на ЕУ во далечна перспектива, зашто по 2030 година пазарот на Азиско-тихоокеанскиот регион ќе стане очигледен лидер. „Затоа, во долгорочна перспектива, веројатно е значително намалување на испораките и, соодветно, намалување на улогата на ‘Газпром’ во ЕУ, која ќе биде поврзана со преориентација кон пазарот на АТР“, вели Капитонов. Според него, во врска со ова земјите од ЕУ уште сега треба да не му создаваат пречки на „Газпром“, ами напротив, да му обезбедат комфорни услови за во иднина, со оглед на тоа дека во 2030 година резервите на Норвешка ќе исчезнат, а европските земји ќе мораат да купуваат поскап гас од Катар и од Азербејџан. Впрочем, како што вели Капитонов, за влез на азискиот пазар на енергенси „Газпром“ ќе мора да развие нов правец – производство на компресиран природен гас, а тука рускиот монопол заостанува во прв ред зад своите блискоисточни конкуренти.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња